Претседателот на Собранието, Талат Џафери, денеска имаше средба со шефот на мисијата на Европската Унија во земјата, Дејвид Гир, кој официјално го предаде извештајот за напредокот на државата од Европската комисија.
На средбата, покрај претседателот, присуствуваа и координаторите на пратеничките групи на СДСМ, Јован Митрески, на ДУИ, Арбер Адеми, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, пратеникот на Алијансата за Албанците, Атнан Незири, и генералната секретарка на Собранието, Цветанка Иванова.
Амбасадорот Гир при презентацијата на извештајот за напредокот на земјата го потенцира делот за Собранието како форум за конструктивен политички дијалог, особено за реформската агенда на ЕУ и како централна институција во која се одвива дебатата на сите политички партии.
Се потенцира дека треба да игра активна и позитивна улога во процесот на преговорите за пристапување во ЕУ. Потребни се заеднички и брзи напори од сите партии како приоритетни чекори за зајакнување на улогата на законодавниот дом.
Во него се нотираат очекувањата и важноста од активно вклучување и интерес и во процесот на дијалогот „Жан Моне“ на сите политички партии во Собранието.