• Fri. May 17th, 2024

Средба на Мешовитата историска комисија

Во Министерството за надворешни работи вчера се одржа првата најавена средба на македонско-бугарската комисија за историски и образовни прашања, по циклусот средби на кои се разменуваат мисли и ставови за македонската и бугарската историја.

Комисијата е создадена врз основа на Договорот за добрососедство и пријателство помеѓу Македонија и Бугарија, а минатиот месец таа усвои и објави препораки што се однесуваат на учебниците по историја за шесто одделение во Македонија и петти клас во Бугарија, како и препораки за заедничко чествување на личности од средниот век – Св. Кирил и Методиј, Св. Климент, Св. Наум и цар Самоил.

Досегашните активности на комисијата предизвикаа реакции кај пошироката македонска јавност, како и кај експертите, особено кај историчарите. Реакциите беа очекувани ако се земе предвид дека станува збор за чувствителни теми. Активностите на комисијата предизвикаа и одредени контроверзии кога проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев, поранешниот член на комисијата, јавно проговори за политички притисоци во работењето на комисијата за историски и образовни прашања.

За досегашните активности на споменатата комисија, Драги Ѓоргиев појасни дека се оди на тоа да се менуваат работи кај кои има недоразбирање и кои може да придонесат за нарушување на односите меѓу двата народа и двете држави, а кај младите генерации може да предизвикаат тензии. Според Ѓоргиев, не мора да значи дека оваа комисија по секоја цена мора да донесе решенија за историските недоразбирања што постојат меѓу македонската и бугарската историографија. Тој исто така образложи дека периодот на 19 и 20 век ќе биде еден од најтешките за кои ќе се расправа.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *