• Sun. May 19th, 2024

Со медиумска писменост до борба против говор на омраза-нов проект на „Медија флеш“

Здружението за медиумска писменост „Медија Флеш“-Струмица почна со реализација на проектот „Со медиумска писменост до борба против говор на омраза“. Проектот е финансиран од Општина Струмица.

Од здружението велат дека во наредните месеци, преку најразлични активности, главен предизвик ќе им биде медиумската писменост. Препознавањето на лажните вести, борбата против говорот на омраза и сегрегацијата-теми кои не се доволно обработени.

„Секојдневно сме сведоци на спинување, манипулирање со факти, навреди по секаква линија и поделби, со што се искривува вистинската перцепција на младите за реалните нешта и вредностите кои секој млад човек треба да ги има во градење на општества по нивна мерка“, велат од Медија флеш.

Преку реализирање на проектот „ Со медиумска писменост до борба против говор на омраза“, сакаат да ја зголемат свеста на младите во општина Струмица за критичко размислување. Преку мотивација за креирање на сопствен став и одговорно изјаснување во јавноста. Со користење на аргументи и компетентност, препознавање лажна вест и борба против говор на омраза

Планирано е едуцирање на 100 средношколци за штетното влијание од медиумски манипулации. Едукациите се наменети за трите средни училишта, а обуките ќе ги вршат експерти од оваа област и искусни новинари.

„Генерална цел ни е создавање на мрежа од ученици, родители, професори по македонски јазик и литература, социологија, информатика, етика, граѓанска култура, ликовна уметност, педагогија, општински и државни просветни инспектори, новинари и медиуми, граѓански организации за борба против лажни вести и манипулации како и за градење на критичка мисла,“ велат имплементаторите на проектот.

Според Медија флеш, посебен предизвик во реализирањето на целите им преставува и моменталната состојба со КОВИД 19 вирусот. Но, и она што следи по пандемијата. Затоа дополнително ќе ги насочуваат активностите кон полето на дигитализацијата и онлајн платформите. Од друга страна, ќе ги јакнат капацитетите на младите и граѓаните со цел препознавање на говорот на омраза на новите медиуми. Нивна медиумска писменост и градење на општество и индивидуи кои ќе можат да се спротивстават на лажните вести.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *