• Mon. May 20th, 2024

Преквалификација за добро работно место, советува Битиќи

Преквалификација за избор на достоинствено работно место е решение за намалување на невработеноста кај нас, смета вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи. За него стапката на невработеност кај нас е се уште загрижувачка, но тоа вели дека е резултат на погрешните политики на неговите претходници изминатите децении.

„Стапката на невработеност во нашата земја се уште е висока. Според последните податоци од Државниот завод за статистика и Агенцијата за вработување стапката на невработеност е 13,7%. Тоа е висока стапка на невработеност и јас сум кажал дека, долгорочно, решението е нашите луѓе да се осмелат да се преквалификуваат и да прифатат достоинствени работни места. Мене ме радува фактот дека можеби некогаш, одредени ситуации неприродно се случуваат, како што е миграцијата, но ги натераа во приватниот сектор да даваат подостоинствени плати од претходно. Затоа сметам дека секој тек или случување во одредено време се случува со причина. Причината овде е дека сите, и во приватниот сектор, ќе треба да разбереме дека нема повеќе работници кои се плаќаат под достоинството на работникот затоа што секогаш ќе има опција“, рече вицепремиерот Битиќи на бизнис-форумот за одбележување 30 години од воспоставувањето дипломатски односи со Финска.

За креирање достоинствени работни места, Битиќи вели дека оваа Влада има конзистентни политики како што е законското решение за поддршка од државата само ако платата во компанијата е над 50% од минималната плата, сума која се доближува до просечната плата. Ваквите политики Битиќи очекува да ја вратат вербата на граѓаните за вработување и кај нас и да го намалат иселувањето.