• Mon. May 20th, 2024

Родители на деца со попреченост од Гевгелија бараат отворање на мали групни домови

Поддржана иницијативата за отворање на мали групни домови во Гевгелија. Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска и градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашо Поцков, денес во Општина Гевгелија се сретнаа со родителите на деца со попреченост. Родителите побараа во општината да бидат отворени мали групни домови за деноноќно згрижување на децата со попреченост од овој крај. Имено, во моментот неколку деца со попреченост престојуваат во мали групни домови во Демир Капија, додека пак дел од родителите, чии деца престојуваат во Дневниот центар за деца со попреченост, бараат обезбедување на целодневни услови.

            – Целта на проектот за мали групни домови е да се извадат децата со попреченост од институциите, а проектот се реализира во рамките на процесот за децентрализација на социјалните услуги. Доколу има заинтересираност, а и подготвеност на општината, можат вакви мали групни домови за деца со попреченост да бидат отворени и во Гевгелија. За таа цел, до крајот на мај ќе биде распишан јавен повик за отворање на вакви домови, но, во меѓувреме, надлежните ресори во Министерството ќе дојдат во Гевгелија и заеднички ќе ги согледате можностите за отворање на вакви домови. Потребно е да се обезбедат 2-3 куќи, доколку општината не располага со таков имот, тогаш да се закупат, потоа, да се обезбеди едуциран кадар и лиценциран провајдер за организирање на услугите, нагласи министерката Шахпаска.

            Градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашо Поцков, ја поддржа иницијативата за отворање на мали групни домови за деца со попреченост во Гевгелија и изрази подготвеност за реализација на овој проект. На тој начин ќе се излезе во пресрет на барањата на родителите, но, истовремено, практично ќе се потврди децентрализацијата на социјалните услуги, кој процес веќе започна. Инаку, Општина Гевгелија во изминатиот период со конкретна финансиска поддршка и други активности го подржува згрижувањето на децата со попреченост, во постојните дневни центри, било преку обезбедување на превоз или простор за организирање на нивните активности, нагласи Сашо Поцков.

            Министерката Јагода Шахпаска и градоначалникот Сашо Поцков денес го посетија и Меѓуопштинскиот центар за социјални работи во Гевгелија, каде што имаа средба со вработените.

извор: Макфакс

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *