• Thu. May 16th, 2024

По речиси еден век обновен „Ѓаволски мост“ на Беласица

Вчера, на 41-та годишнина од основањето на Планинарскиот клуб „Ентузијаст“ од Струмица, за првпат беше поставен железен мост на прочуениот локалитет Ѓаволски мост на планината Беласица.

Мостот е поставен над карпеста провалија длабока 15 м., на надморска височина од 1.522 метри, под сртот на Беласица и е наменет за планинари, велосипедисти и спортски мотоциклисти. После долги години и неуморни залагања, иницијативата на ПАОК „Ентузијаст“ за мост е реализирана благодарение на сесрдната поддршка од донаторот Пепи Коцев – љубител на планинарските спортови. Монтирањето го изведоа бројни членови од клубот предводени од стручни лица, со помош и на Велосипедскиот клуб „Актив“ и Мото-крос клубот „Џабл“.

Од „Ентузијаст“ велат дека ова за планинарењето се смета за историски настан затоа што после повеќе од еден век е изграден премин на Ѓаволски мост – место полно со мистика и народни верувања заради недостапноста и величествените спили. Првиот документиран податок за постоење на широк дрвен мост е од периодот на Првата светска војна, од 1914 година, а порано војската сè до раните 70-ти години од минатиот век го користела за гранична патрола зашто е во непосредна близина на грчката граница, но потоа се распаднал. Отсега љубителите на Беласица ќе имаат можност да го премостат безбедно јазот на Ѓаволски мост и да се движат непречено под сртот по целата линија на планината, од запад кон исток сè до бугарската граница, што досега беше невозможно.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *