• Tue. May 21st, 2024

Песна на Никола Маџиров испеана од Бека Стивенс и Сикрет трио

На 4 јуни годинава Бека Стивенс и Сикрет Трио а објавија песната „Окото“ по текст на нашиот поет Никола Маџиров.

Во објаснувањето дадено на Јутјуб линкот од песната, Бека Стивенс пишува:

„Од почетокот на овој проект знаев дека сакам да вметнам турска и македонска поезија во моето пишување. Пишувањето за „Окото“ започна со демо-снимка што ми го испрати Мајкл Лиг. Оригиналното демо на Мајк беше насловено „Crozish Oud“ затоа што тој сметаше дека звучи како нешто што Дејвид Крозби ќе го напише на гитара. Го слушав непрекинато додека пребарував на Интернет „модерни македонски поети“ што ми се допаѓаа. Најдов дека поезијата и стилот на Никола Маџиров навистина ми зборуваат. Неговата поема „Окото“ ме „закочи“ веднаш. Го имаше вистинското расположение, боја, чувство и должина “.

Маџиров вели дека песната дошла како непредвидливо затворање на еден круг на слични сензибилитети и азбуки на размислувањето. Композиторот на мелодијата Мајкл Лиг и неговите „Снарки Папи“ беа дел од мојот секојдневен свет на звуците, исто како и музиката на коавторката Бека Стивенс, било нејзините соло албуми и концерти, или оние со „Снарки Папи“ или со Џејкоб Колиер, вели Маџиров.

-Не можав да замислам поубав подарок на универзумот во миговите на повторното физичко и животно раѓање по денови и денови поминати меѓу немите болнички ѕидови и будните гласови на докторите. Песната „The Eye“ завршува со стиховите „Во дланките чувам дом – / соба за молитви во болнички двор.“ Верувам во будење пред отворање на очите, верувам да ја слушнев мелодијата пред да ја напишам песната, би ги напишал истите стихови, вели Маџиров во разговор за ТВ Канал ВИС.

Инаку, номинираната за наградата Греми 2021, Бека Стивенс и Сикрет Трио изведуваат оригинални дела и традиционални мелодии кои се фузија на микротоналитетите и импровизациите на Блискиот исток, танцовите ритми на Балканот и елементи на џез, рок, класична и светска музика. Сикрет трио има настапувано на најпрестижните концертни сали во Турција.

OKOTO

на Васко Попа

Отвори го едното око –хоризонтот е во затвореното.

Отвори ја школката –осаменоста нема да избега.

Камењата на дното го пијат времето,

мртвите риби пливаат кон сонцето.

Отвори го едното око.

Светот е младо дрво на градилиште,

прозорците се реки на нашата несигурност.

Отвори го небото.

Во дланките чувам дом

–соба за молитви во болнички двор.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *