• Sun. May 12th, 2024

Овој викенд ќе се одржи Детскиот фестивал „Калинка 2023“ во Гевгелија

Гевгелија повторно ќе ги собере младите музичари од целата држава и ќе пулсира во ритамот на детските песни. Овој викенд ќе се одржи новото издание на Детскиот фестивал „Калинка 2023“. По пауза од десет години се возобновува Интернационалниот детски фестивал „Калинка“, кој низ годините прерасна во гевгелиски музички бренд. Првото издание на фестивалот беше во 1992 година. Ова ќе биде 21 издание на фестивалот кој на македонската музичка сцена изминатите години испорача над 500 детски песни кои станаа познати не само на домашната, туку и кај меѓународната публика.

Уметничкиот директор на фестивалот, Александар Стојановски вели дека се подготвени за уште едно музичко патување.

„По тримесечна работа подготвени сме, оваа недела, во Народниот театар во Гевгелија да започне возобновениот детски фестивал „Калинка 2023“. Од понеделникот, 29 мај, течат претставите наменети за децата од предшколска возраст и за основните училишта. Во петок, на 2 и во сабота, на 3 јуни се гала вечерите. Во недела, на 4 јуни е финалната вечер. Оваа вечер постхумно ја посветуваме на Ѓорѓи Цуклевски, еден од создателите на фестивалот. Тој до одржувањето на јубилејната 20 Калинка беше Уметнички Директор. Тој беше душата на Калинка и на нејзината магија –детските песнички кои сите до една му поминуваа низ главата и срцето, заедно со децата.“

На фестивалот ќе се изведат 23 новокомпонирани детски песни. Претежно од автори од југоисточното поднебје, но тука се и познатите композиторски имиња како Кристијан Габровски, Ристо Самарџиев. Инаку во песните се пее за се она што го сочинува детскиот свет , за љубовта, другарството, детските соништа. Може да ви кажам дека , како музичар, гледајќи како самите деца си ги потпевнуваат песните од овој фестивал, очекувам, ако не сите, тогаш барем половината од нив да станат хитови.

Стојанов вели дека имало голем интерес за овој фестивал, низ аудициите поминале над 200 деца од Скопје, Радовиш, Валандово, Богданци, Гевгелија. На фестивалот учествуваат 120 деца, како солисти, хористи и танцово студио.