• Wed. May 15th, 2024

In memoriam: Почина познатиот македонски композитор Томе Манчев

Во Скопје, денес, 12 април, ненадејно, во седумдесеттата година од животот почина големиот македонски композитор Томе Манчев. Композиторот Томе Манчев е роден во Гевгелија 1950-та година. Средно образование завршил во гевгелиската гимназија, дипломира на ФМУ во Скопје, а музичкото образование го заокружува со највисокиот степен на студии – уметничка аспирантура во Прага. Докторира на Музичката академија во Софија и станува доктор по уметнички науки од областа на оркестрацијата.

            Томе Манчев беше редовен професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Добитник е на многу награди и признанија, меѓу кои се издвојуваат највисоката награда на Сојузот на композиторите на Македонија „Трајко Прокопиев“ за животно дело, како и наградата за животно дело од Музичките педагози на Македонија. Од 1979 година тој музички, педагошки и уметнички обучуваше илјадници ученици и студенти во земјата.

            Д-р Томе Манчев спаѓаше меѓу најафирмираните македонски автори, кој во своето творештво негуваше индивидуален стил и јазик како негов личен творечки печат. Погребот на неговите посмртни останки ќе се изврши утре, понеделник, 13 април, во 11 часот на градските гробишта во Гевгелија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *