• Thu. May 16th, 2024

Граѓаните очекуваат достапна и чиста вода за сите

Почест мониторинг на квалитетот на водата за пиење, населението директно да се информира за резултатите од мерењата. Да се обезбеди еднаков пристап до вода за пиење за сите граѓани во државата преку инвестиции во нова и одржување на постојната инфраструктура. За поефективна контрола и санкционирање на загадувачите потребен е редовен инспекциски надзор. Како и подобра едукација на граѓаните за заштита на водите од најмала возраст.

Ова се дел од препораките на учесниците на дискусијата со граѓани „Достапна и чиста вода за сите“. Дискусијата ја спроведе Институтот за европска политика (ЕПИ) заедно со Институтот за комуникациски студии (ИКС) за кампањата „Разбистри сè“.

И покрај релативно високото ниво на покриеност со водоснабдителни системи во државата, сепак граѓаните, особено жителите во руралните средини и приградските места, се соочуваат со прекини во водоснабдувањето. Тие почесто се јавуваат во летните месеци и траат и по неколку часа во денот. Оние кои самостојно се снабдуваат со вода за пиење преку бунари, самопридонес и базени за зафат на вода, за време на летото имаат недостаток на вода и слаб притисок на доводот и остануваат без чиста вода за пиење. Учесниците на дискусијата укажаа и на појава на бигор, бактерии од цревно потекло и на обоена вода. Заради прекини во водоснабдувањето и лошиот квалитет на водата за пиење, граѓаните се приморани да купуваат флаширана вода.

Нетранспарентноста на комуналните претпријатија, пак, предизвикува сомнеж и отпор кај граѓаните. Според најголем дел од учесниците на дискусијата, информациите од јавните претпријатија не стигнуваат до нив или не можат да ги разберат објавените податоци. Не се доволно информирани ниту за работата на инспекциските служби кои вршат проверки на квалитетот на водата за пиење.

Како понатаму?

Покрај дискусијата, учесниците можеа да добијат одговори на нивните прашања од експертката и адвокатка за заштита на животна средина Евгенија Крстевска. Според неа, доколку прекините на вода за пиење траат повеќе од 12 часа, комуналните претпријатија се должни да обезбедат вода за населението во тој период со цистерни или преку подвижни чешми. Крстевска укажа на парадоксот во Законот за водоснабдување дека граѓаните мора да ја платат сметката за вода.

Дури и ако водата за пиење не е квалитетна или корисниците не се задоволни од нејзиниот квалитет. Ако граѓаните се сомневаат во квалитетот на водата, можат самите да соберат мостри и да ги достават на анализа до институтите за јавно здравје. Правото на пристап до квалитетна вода за пиење можат да го остварат и преку судска постапка, посочи експертката.

Дискусијата со граѓани „Достапна и чиста вода за сите“ имаше за цел да ги разбере ставовите на граѓаните за проблемите и решенијата за подобрување на пристапот и квалитетот на водата за пиење и за загадувањето и заштитата на водите во државата. При изборот на учесници беше обезбедена старосна, родова, јазична и географска распространетост на граѓани од целата држава.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *