• Wed. May 15th, 2024

Дизајнерката Емили се претстави на Модната недела во Венеција со креации изработени со рачно работените плетенини на баба си

Македонската дизајнерка Емили Пишева – Гоџиров од модното студио EMILi exclusive design донесе раскош и копнеж по нежните спомени од минатото на последната модна недела во Венеција. Таа беше гостинка на модната недела што годинава се одржа во нестанарден формат со повеќе работилници, фотографирање низ различни локации, презентации во живо и на социјалните мрежи.

Во градот што плови, нашата дизајнерка ги распосла своите најромантични креации во кои се вткаени везови од нејзината баба, рачни изработки што имаат големо емотивно значење за дизајнерката.

Креациите на EMILI exclusive design се овековечени на повеќе локации во Венеција, а најголем дел од нив се презентираа на островот Бурано, каде рачно се изработува чипка.

Емили вели дека нејзиниот тим, бил воодушевен што плетените изработки ќе добијат нова функција. Приказна во приказна, така ги нарекуваат најновите креации што можеше да ги види Венеција и целиот моден свет.

Патувањето во Венеција е само едно од низата успешни настани за ова модно студио. Неодамна освоија прво место на модниот настан со натпреварувачки карактер во Лозана, Швајцарија, каде имало натпреварувачи од Париз но и од цела Швајцарија.