• Wed. May 15th, 2024

Денеска продолжува широката консултација за францускиот предлог

Денеска продолжува широката консултација за францускиот предлог за почеток на пристапните преговори на Македонија со Европската Унија. За денес е најавена средба на премиерот Димитар Ковачевски со лидерот на Алијанса на Албанците, Зијадин Села. Без потврден термин преостануваат уште и консултации со Собранието.

Средбата со Села ќе се одржи во Клубот на пратениците од 11 часот. Премиерот Ковачевски вчера потврди дека имал телефонски разговор со Села и дека најверојатно денес ќе му биде презентиран францускиот предлог.

Преостануваат и консултациите со Собранието, но до вчера немаше потврда кога тие би се одржале.

– Претседателот на Собранието е дел од Советот за безбедност и дискусијата во Собранието ќе се одвива согласно процедурите на Собранието на РСМ. Така е бидејќи Владата не може да му наложува на кој начин Собранието ќе ја води расправата, додаде вчера премиерот.

Консултативниот процес за европскиот предлог се уште не е завршен и со коалициските партнери и разговорите продолжуваат понатаму, иако првата средба од агендата беше одржана со нив.

– Во однос на консултациите ние имавме веќе првична средба со коалиционите партнери, на кои што им беше презентирано, дел од тие коалициони партнери веќе изразија позитивни ставови во однос на предлогот кој што го имаме добиено, дел тоа ќе го направат своите ставови ќе ги кажат во идниот период, ние нормално дека имаме комуникација со нашите коалициони партнери, наведе Ковачевски.

Францускиот предлог вчера беше разгледан и од страна на Советот за безбедност кој го свикува претседателот на државата Стево Пендаровски, кој по седницата изјави дека францускиот предлог е прифатлив. 

Истовремено Ковачевски имаше и средба со лидерот на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој потоа рече дека нема да бара предвремени парламентарни избори доколку францускиот предлог биде отфрлен.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *