• Fri. May 17th, 2024

Британскиот сој на Ковид-19 ќе биде доминантен во Македонија

британски сој на ковид-19

Британскиот сој на ковид-19 во Македонија ќе стане доминантен, предвидуваат експертите. Откако беше откриен првиот случај, доктор Горан Кунгуловски вели дека тој во наредниве месеци најверојатно ќе стане доминантен.

„Засега знаете има неколку вакцини на пазарот, првите сознанија се дека мутацијата не влијае на ефикасноста на вакцината“, вели Кунгуловски.

Тој вели дека за разлика од обичниот грип, за коронавирусот нема да биде потребно сезонско вакцинирање.

„Добрата работа е за разлика од инфлуенца, од грип вирусите, овој вирус еволуира многу побавно. Тоа има големо влијание врз дизајн на вакцини. Знаеме дека за инфлуенца треба сезонска вакцина, за овој не знаеме, но најверојатно нема да има потреба од сезонска вакцина“, вели Кунгуловски.

Кунгуловски порачува дека треба да бидеме во постојан мониторинг и постојана фаза на претпазливост.

„Досега се детектирани илјадници мутации во коронавирусот и најмногу од нив се неутрални, немаат никаков ефект“, посочи Кунгуловски.

Британскиот сој на ковид-19 во Македонија беше лоциран пред едне месец. За пациентот каде што беше лоциран британскиот вид, тој вели дека не сака да коментира, но дека сепак вирусот се пренесува преку контакт, без разлика дали пациентот бил свесен за контактот преку кој го добил вирусот.

„Знаеме дека во самиот вирус се акумулирани неколку мутации, за секој позитивен пациент се детектираат три делови од коронавирусот, а меѓу кои се детектира и спајк протеинот и ние откривме некои недоследности кај пациентот. Тоа нè наведе дека најверојатно има некаква мутација во спајк протеинот“, нагласува Кунгуловски.

Тој се надева дека  ќе биде многу лесно да се имплементираат вакви методологии и во другите лаборатории.

Во најновиот епидемиолошки извештај, агенцијата на Обединетите нации наведува дека варијантата на коронавирус откриена во Јужна Африка минатата недела се проширила во уште осум земји и сега е присутна во 31 земја, пренесуваат светските медиуми.

Се додава дека варијантата откриена во Бразил се прошири во осум земји.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *