• Sat. May 18th, 2024

90% од работните места на иднината ќе бараат дигитални вештини

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, се обрати на Министерскиот панел, на вториот Дигитален самит на земјите од Западен Балкан, каде оцени дека земјите од регионот ги поставиле темелите на соработка и заеднички пристап кон дигиталната трансформација на регионот.

„Процесот на дигитална трансформација е долг и тежок. Особено овде, на Балканот, каде давање услуги во хартија сè уште се смета за подобар и побезбеден начин. Меѓутоа, во изминатата година Северна Македонија презеде сериозни чекори за да го смени овој начин на размислување и работење и да го промовираме пристапот digital first. Тука пред сè мислам на усогласувањето на домашното законодавство со регулативата на Европската Унија. Целта е да се обезбедат правни механизми за зголемување на довербата во електронските трансакции и поттикнување на употребата на електронската идентификација. На овој начин го почнавме процесот на заменување и постепено укинување на употребата на хартијата, а со тоа доближување на услугите до граѓаните“, истакна министерот Манчевски.

Зборувајќи за предизвиците со кои се соочува регионот во контекст на дигитализација, тој се осврна на потребата од инвестирање во дигитални вештини.

„Северна Македонија, но и регионот се соочува со сериозен одлив на мозоци поради ограничени можности за работа. Всушност, јазот во дигитални вештини е едно од најсериозните прашања. Побарувачката за ИТ-кадри е во пораст. Во иднина, 9 од 10 работни места ќе бараат дигитални вештини. Усогласувањето помеѓу понудата и побарувачката за пазарот на труд е еден од клучните барања за силна и одржлива економија, и ова е прашање препознаено од нашата Влада. Така, ние сме горди на учеството на Северна Македонија во најголемиот проект на регионално ниво, проектот ‘Училишта од 21 век’. Целта е олеснување на развојот на вештини за кодирање, критичко размислување и решавање проблеми. Нашата улога како Влада не е само да обезбеди релевантно образование и развој на вештини за дигиталната ера, туку и да ги олесни академските истражувања и развојот на индустријата“, заклучи министерот Манчевски.

Покрај министерот Манчевски, на панелот се обратија државниот секретар во Министерството за трговија, туризам и телекомуникации на Р Србија, Татјана Матиќ, и ресорните министри задолжени за дигитална трансформација, Драгица Секулиќ од Р  Црна Гора, од Р  Косово, Валдрин Лука, Дорина Чинари од Р  Албанија и Саша Далипагиќ од Р  Босна и Херцеговина. Панелот го модерираше Мејлинда Брегу, генерален секретар на РЦЦ.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *