• Sat. May 18th, 2024

66 средношколци од Конче веќе трет ден немаат превоз до училиштето во Радовиш

66 средношколци од Конче веќе трет ден немаат превоз до училиштето во Радовиш

Веќе трет ден од работната недела 66 ученици кои живеат во Конче немаат превоз до нивното училиште кое се наоѓа во Радовиш, т.е. СОУ Коста Сусинов. Овој проблем се провлекува подолго време поради пропусти на претходните локални самоуправи во општините Радовиш и Конче. Превозниците на ученици на линијата Конче-Радовиш-Конче ги изгубиле своите лиценци бидејќи им истекол рокот, информираат од Сојузот на средношколци на Македонија.

Учениците со овој проблем се соочија веќе еднаш лани во ноември, како и на почетокот на второто полугодие. Тогаш Сојузот во разговор со сегашниот градоначалник на Општина Конче успеа да го реши проблемот и таа соработка продолжува.

„Меѓутоа, законската обврска да организира превоз на ученици припаѓа на Општина Радовиш бидејќи СОУ Коста Сусинов се наоѓа во Радовиш, а не во Конче. Претставцници на Сојузот на средношколци разговараа и со градоначалникот на Општина Радовиш и со претставници на училиштето. Ние знаеме дека се прават напори час поскоро да се организира бесплатен превоз за средношколците и дека се соочуваат со административни и процедурални пречки. Нo не смее да се дозволи 66 средношколци да изгубат цела наставна недела поради администрација или нечија претходна грешка. 

  • Ги повикуваме институциите да ја испочитуваат својата уставна и законска обврска и итно да го решат прашањето на превозот. Имајќи ја предвид сложеноста на проблемот, Сојузот на средношколци е подготвен да организира потребни средби меѓу двете општини, училиштето и министерствата за образование и наука, за локална самоуправа и за транспорт и врски“, соопшти Сојузот на средношколци.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *