• Wed. May 22nd, 2024

Филипче во Грција ќе го договара отворањето на границите и аеродромите

Здравствените власти почнуваат со регионални состаноци заедно со претставници од владите во регионот по најавите на некои од соседните земји за отворање на границите. Министерот за здравство, Венко Филипче, за отворањето на границите вели дека е многу важен координиран пристап, пренесува Макфакс.

„Од исклучителна важност е координиран пристап во однос на транзитот, посетите и здравствените протоколи што ќе се имплементираат за побрзо и побезбедно патување во текот на летото. Европската комисија вчера излезе со пакет-мерки за патување во Европската Унија, каде што ќе се препорача ваков координиран пристап за олеснување на рестриктивните мерки. И ние ги почнуваме препораките, денес ќе патувам на состанок со министерот за здравство на Грција. Ќе размениме искуства за досегашното менаџирање на кризата, кое треба да помогне и за понатамошната битка со вирусот. Ќе разговараме и за подготовка за следниот период за кога се очекуваат нови пикови и најважното – отворањето на границите и аеродромите имајќи предвид дека нашата земја повторно ќе го отвори коридорот север – југ кој е многу оптоварен во летните месеци“, рече министерот Филипче.

Тој нагласи дека вчера ги регистрирале многуте реакции на јавноста во однос на одлуката да се дозволи посета на функционери на соседни земји. Уверува дека не станува збор за ништо друго, освен состаноци за координирање на активности за мерките за кои треба регионален пристап.

„Нема кои било функционери да патуваат“, објасни министерот Филипче.

Ваквите патувања е предвидено дека ќе се одвиваат во согласност со препораките на Комисијата за заразни болести и по протокол од Комисијата.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *