• Fri. May 17th, 2024

Студентка од Струмица која се вратила од Германија била мета на невкусни коментари и недозволено снимање иако била во самоизолација

Ситуацијата со коронавирусот несомнено допре многу граѓани, но стравот не смее да се претвори во масовна хистерија. Токму тоа се случува, ни потврди Елена Иванова, студентка од Струмица која пред дваесетина денови се вратила од студиите во Германија бидејќи факултетот каде што студира бил затворен. Иако девојката доброволно и самоиницијативно се ставила во самоизолација со мајка и и сестра и, вели дека преживеала неверојатен стрес поради невкусните коментари и лаги што се ширеле по социјалните мрежи, а за време на тестирањето во струмичкото инфективно одделение биле и жртви на недзволено снимање. Еве го нејзниното обраќање во целост:

Драги Пријатели,
Во изминатите неколку денови на социјалните мрежи се појви видео пропратено со лажни информации и невкусни коментари дека јас и моето пошироко семејство сме позитивни на КОВИД-19 и дека во меѓувреме сме шетале низ градот и сме контактирале со други особи.
Сакам да кажам дека јас и сестра ми сме студенти во Германија и по појавувањето на КОВИД-19 во Германија, Факултетите се затворија, часовите ни се држат преку интернет и ние како граѓани со постојано место на живеење во Струмица се вративме во нашиот дом. Иако кога пристигнавме во Македонија сеуште не се потпишуваше изјава за самоизолација, ние самите се пријавивме во центарот за јавно здравје и рековме дека ќе бидеме во самоизолација и се информиравме за следните чекори.
Со цел да не го загрозиме здравјето ниту на нашите најблиски ниту на пошироката јавност, од аеродромот не пречека нашата мајка, која што за целиот овој период беше со нас во самоизолација. Додека ние трите бевме во самоизолација нашиот татко воопшто физички не контактираше со нас и престојуваше на друго место.
Бидејќи ни завршуваше периодот на самоизолација согласно препораките, телефонски се јавивме и закажавме термин за тестирање. По препораки на епидемиолог ни беше кажано дека сите три треба да бидатеме тестирани, бидејќи престојуваме заедно.
Сакам да истакнам дека во ниту еден момент не сме криеле дека сме во самоизолација, напротив сите наши блиски, роднини и пријатели беа информирани за ситуацијата, за случајно некој да не дојде.
Во петокот кога отидовме на тестирање, некој несовесен граѓанин не снимал со цел да го рашири видеото по социјалните мрежи. Со видеото се ширеа и невкусни и невиститнити коментари за нас и нашата поширока фамилија, кое ни нанесе емоционален стрес и нарушување на угледот.
Иако ни беше тешко што неможеме да го видиме нашиот татко и нашите блиски роднини, ние сепак се воздржавме и ги испочитувавме сите прописи.
Наместо да бидеме пример за тоа, ние бевме нападнати.
За овие три дена, додека ги чекавме резултатите, се изначитавме разни коментари дека сме позитивни и дека намерно не се објавуват резултатите и разни други глупости.
Сега можам да ви кажам дека резултатите ги добивме и СИТЕ ТРИ СЕ НЕГАТИВНИ на КОВИД-19. Но дури, и да бев позитивна ќе објавев дека сум позитивна, и со гордост ќе истакнав дека НА НИКОЈ ДРУГ НЕ СУМ ГО ПРЕНЕЛА.
Вирусот е опасен, но ќе помине. Но емотивната болка останува.
Затоа на никој не му го посакувам, ниту едното, ниту другото.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *