• Sat. May 18th, 2024

Струмичките гимназијалци формираат апликација за македонски речник со отворен извор

Проектот Збор на струмичките гимназијалци треба да биде прв речник на македонскиот јазик со отворен извор. Наскоро корисниците ќе можат да го симнат за користење но и да го надополнуваат.

На страницата на гимназијата „Јане Сандански“ објаснуваат дека проектот е планиран подолг период, но поради корона – вирусот активностите се редуцирани а самата апликација е направена за само два дена.

„Почитувани, ви го честитаме денешниот ден, 5 мај – Ден на македонскиот јазик. На денешен ден во 1945 година беа усвоени првите заклучоци на Комисијата за азбука и правопис со кои се стандардизираше и озакони македонската азбука. Овој настан е меѓник на двете други клучни случувања во процесот на озаконување и на кодификација на македонскиот стандарден јазик – 2 август 1944 година, кога македонскиот народен јазик е прогласен за службен во Демократска Федерална Македонија при ФНРЈ и 7 јуни 1945 година кога е озаконет правописот на македонскиот јазик.

По овој повод неколку наши ученици под менторство на Боркица Филева, професорка по Македонски јазик и литература, работеа на активности за одбележување на денот. Плановите беа да се организира настан за прославување на Денот на македонскиот јазик со интересни едукативни содржини во училишниот двор, но пандемијата застана на патот на активностите за организација на настанот.

Учениците сепак не се откажаа од одбележување на овој ден и се решија да се изработи Збор, проект кој долго време постоеше кај нив како идеја. Збор е изработен за речиси два дена. Тоа е веб-страница изработена од нашиот ученик Митко Ников од IV година. Идејата за Збор е да биде првиот македонски речник со отворен извор (Open Source).

Збор ќе може да помогне во проверка на печатни грешки, да го проучува македонскиот јазик преку вештачка интелегенција, да помага во препознавање и категоризација на зборови. Тоа е апликација со отворен извор што значи дека секој заинтересиран поединец или група ќе може да ја користат нејзината содржина. Околностите на Збор дозволуваат намената на апликацијата етапно да се проширува и зголемува.

Збор е сè уште во бета (пробна) верзија и понатаму ќе се надоградува. Таа е дел од пилот проектот на ученикот Митко Ников наречен SchoolNet, веб платформа со повеќе апликации чија намена е да се подобрува и дигитализира македонскиот образовен систем“, велат од СОУ „Јане Сандански“. 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *