• Mon. May 20th, 2024

ССМ денеска излегува на штрајк за повисоки плати

ByВане Трајков

Jun 22, 2022

Членовите на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денеска стапуваат во генерален штрајк, на кој ќе побараат линеарно зголемување на платите на вработените во јавниот сектор за 2.806 денари и враќање на правото за регрес за годишен одмор од 2023 година.

Одлуката за генерален штрајк на јавниот сектор беше донесена на 3 јуни од страна на највисоките тела на ССМ, со напомена дека тој ќе се одржи доколку не бидат исполнети нивните барања.

Од штрајкувачите, работниот процес нема да го прекинат само 10 проценти, кои ќе работат на итните случаи и ќе ги извршуваат активностите што се потребни за да не се загрозат личната сигурност, здравјето и животот на граѓаните.

Вработените во јавниот сектор покрај тоа што ќе штрајкуваат со прекин на работниот процес на своите работни места во работно време, видливо од 10 до 11 часот ќе застанат и надвор пред просториите на работодавачот.

Исто така, како што е најавено, синдикалците ќе излезат и на улица и ќе наредат 120 столчиња пред Собранието, каде од пратениците ќе бараат да го прифатат нивниот амандман на ребалансот на Буџетот за линеарно зголемување на платите за 2 806 денари, како во јавниот, така и во приватниот сектор.

– На тој начин ќе упатиме апел доколку тоа не се случи дека и тие утре можат да бидат дел од нас работниците, кои ќе стојат надвор пред Собранието бидејќи работникот е оној што гласа и во наредните избори ќе биде клучната алка за која партија ќе биде на власт, рече претседателот на ССМ, Дарко Димовски.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *