• Sat. May 11th, 2024

Синоќа започна Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест”

ByЃ. K.

Aug 5, 2023

Под мотото „Со нови искуства“ синоќа во амфитеатарот во градскиот парк започна Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“ кој годинава го доживува своето 18-то издание. Во овогодишната програмска селекција има дваесет и три исклучителни кратки играни филмови, документарци и анимации кои ќе се натпреваруваат за „Златната“, „Сребрената“ и „Бронзената потковица“ и за неколкуте други награди.

Фестивалот го отвори градоначалникот Костадин Костадинов, а општина Струмица и годинава е финансиски поддржувач.

– За среќа, филмската магија во Струмица сѐ уште трае, а нејзиното главно обележје е Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“ кој годинава, на задоволство на љубителите на филмската уметност, го доживува своето 18-то издание. Да имаше фестивалов човечки особености, тогаш вечерва ќе ја славевме неговата полнолетност, а во овие пет фестивалски денови „Астерфест“ ќе го полагаше својот испит на зрелоста. Но, по заслуга на „главниот виновник“ Горан Тренчовски, зрелоста на фестивалов е веќе докажана, а ние сме сведоци како истиот, од година во година, таа зрелост ја потврдува се повеќе и повеќе. Убеден сум дека така ќе биде и овојпат. Во прилог на таквите наши очекувања оди сериозната програмска понуда со бројни филмови од земјата и странство, зад кои стојат и еминентни филмски автори. Како резултат на тоа, убеден сум дека во петте фестивалски денови, струмичкиот амфитеатар ќе биде вистинското место за споделување љубов, среќа и задоволство, рече градоначалникот Костадинов.

By Ѓ. K.