• Fri. May 17th, 2024

Регионален настан за проектот за инклузивно основно образование

ByВане Трајков

Apr 12, 2023

Во Струмица денеска се одржa регионален настан за промоција на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“, кој е финансиран од Европската Унија, со цел да се обезбеди рамноправен пристап на децата со попреченост до квалитетна настава и пристапна и стимулативна средина за учење, преку месечни стипендии и образовна поддршка за учениците со попреченост, грантови и обуки за училиштата, како и развивање на јавната свест.

Овој проект се залага за квалитетно и инклузивно основно образование со цел секое дете да има еднакви можности за развој, учење и остварување на своите потенцијали. Проектот го спроведува Фондацијата „Чекор по чекор“, заедно со партнерите Здружение за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ и Здружение за давање услуги на лицата со попреченост „Хандимак“, во соработка со Министерството за образование и наука.

Во рамките на проектот е планирано реализирање осум регионални настани во форма на панел-дискусии во осумте плански региони како дел од третата проектна кампања за подигање на јавната свест за важноста од инклузивното образование.

-На овие средби се поканети претставници и од другите општини од југоисточниот регион, училиштата, граѓански организации, општествено одговорни компании и поединци. Целта на овие настани е да се разговара за инклузијата и инклузивното образование, да се претстават локалните текови на полето на инклузија, да се споделат активностите и постигнувањата на проектот, а планирана е и заедничка дискусија за успешните приказни на полето на инклузијата како и предизвиците со кои се соочуваат училиштата, институциите и општините во својата намера да обезбедат инклузивна клима, соопшти Фондацијата „Чекор по чекор“.