• Mon. May 13th, 2024

Пуштена во сообраќај првата фаза од експресниот пат Штип-Радовиш

Главната делница од експресниот пат Штип-Радовиш, од обиколницата Штип-југ до Бучим, во должина од 23 километри, од денеска е пуштена во употреба. Следната фаза, реконструкцијата на двете подделници – од Три Чешми до Штип-југ и од Бучим до Радовиш, во должина од 16 км, се очекува да биде готова до следниот септември.

Премиерот Заев кој присуствуваше на отворањето на патот, рече дека ова е историски момент за граѓаните од Источна Македонија, бидејќи времето за патување сега значително се скратува, а воедно спомена дека ова е и единствениот пат кој во последните 30 години бил завршен пред предвидениот рок.

Според министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, овој пат е пример како се гради квалитетно и навремено, по највисоки стандарди за безбедно одвивање на сообраќајот.

– Овој експресен пат е дел од државната А4 рута, започнувајќи од граничен премин Блаце, преку обиколницата Скопје и новиот автопат до Штип, и преку овој експресен пат се поврзуваме со соседна Бугарија.  На тој начин добиваме брза патна врска по целиот Југоисточен регион.  Оваа Влада докажа посебен фокус на рамномерниот развој на државата инвестирајќи во модерни и квалитетни проекти кои носат економски бенефит не само за граѓаните туку и за цела држава, рече Бочварски.

Комплетниот експресен пат е со проектирана должина од 40,46 километри, а вкупната вредност е околу 60 милиони евра.

– Со техничките квалитети на експресниот пат, со по една коловозна и помошна лента, и со ширина од 11,4 метри, тој претставува основа за можен иден автопат. Максималната брзина на движење на возилата е 110 километри на час. Оваа прва фаза, изградена е согласно со важечките прописи и стандарди со издвоена вкупна вредност од 45 милиони евра.  Заради подобро поврзување со блиските населени места на експресниот пат изведени се вкупно 40 објекти за премостување, односно 4  клучки согласно со највисоките стандарди, 7 надпатници и подпатници, 11 мостови и вијадукти, и сето ова за полесен пристап на граѓаните до и од експресниот пат. По целата должина на патот има заштитна жичена ограда за побезеден сообраќај, рече директорот на ЈП Државни патишта, Ејуп Рустеми.

Шефот на Европската банка за обнова и развој за Северна Македонија, Андри Аранитаси информира дека Банката обезбедила кредит од 64 милиони евра на ЈП за државни патишта за финансирање на подобрувањето на 39 километри од националниот пат А4. Зафатот, како што посочи, вклучи реконтрукција и проширување на веќе постоечкиот пат со цел да обезбеди две коловозни ленти со широчина од 3,5 метри, како и ленти за застанување со широчина од 2,2 метри.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *