• Sat. May 18th, 2024

Профункционира новата времена депонија кај Ново Конско

Профункционира новата Времена депонија за одлoжување комунален отпад, во близина на Ново Конско. По исполнувањето на сите технички услови и добивањето на Б-интегрираната еколошка дозвола, конечно, после 3 години од изградбата на депонијата, таа е ставена во функција, се вели во информацијата од Општина Гевгелија.

На стартот од работата на времената депонија, присуствуваа градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, директорот на ЈПКД „Комуналец“, Раско Чочков, како и вработени во Општина Гевгелија и од ЈПКД „Комуналец“.

– Депонијата кај село Ново Конско е првата современа депонија изградена според европските стандарди за комунален отпад во Македонија и претставува времено решение за досегашните проблеми на жителите од Гевгелија кои ги создаваше дивата депонија. Во изминатиот период, беа преземени повеќе активности, беше извршена санација на горниот дел од мембраната, санација на системот за техничка вода, санација на електричната мрежа со генераторот за струја, како и обезбедување Б-интегрираната дозвола, со што се исполнија сите технички услови за отпочнување со работа, истакна градоначалникот Сарамандов.

– Изградбата на Времената депонија беше завршена во октомври 2018-та година, со поддршка на УНДП и обезбедениот јапонски грант од 960.645 долари. Овие средства беа доделени на општините што беа најмногу погодени од бегалската криза. Депонијата кај Ново Конско, по изградбата, цели 3 години беше оставена на забот на времето и не беше ставена во функција. По извршените одредени санации, истата ја ставаме во функција, со што практично се става крај на одложувањето отпад на постоечката несоодветна депонија кај Сува Река, изјави директорот на ЈПКД „Комуналец“, Раско Чочков.

Новата Времена депонија кај Ново Конско, која се простира на површина од 2 хектари, е првата современа депонија за комунален отпад во Македонија. Изградена е со сите неопходни заштитни мерки за околината. Отпадот секојдневно ќе се компактира и врз него ќе се поставува дневна покривка од земја со цел да се спречи разнесување и запалување на отпадот.

Депонирањето ќе се врши во хидроизолирани услови со поставување глина и синтетички непропустливи материјали и во неа нема да се депонираат опасни материи, појасни директорот Чочков.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *