• Sun. May 19th, 2024

Пренџов: Власта со злоупотреба на европското знаменце сака да наметне поскапување на горивата

Власта на Заев својата неспособност и недомаќинско работење ќе ги покрива со кризен данок, кој сакаат да го прикажат како таканаречена еколошка такса, обвини Љупчо Пренџов, пратеник од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова за Македонија“.

Тој вели дека власта сака да го направи тоа злоупотребувајќи европско знаме во собраниската процедура со цел, како што рече, на мала врата да наметнат поскапување на горивата од 4,13 денари по литар.

„Прашувам, што има европско во законот за зголемување на цената на горивата или т.н. еколошка такса? Според предложениот закон, никаде не може да се најде дека истиот е усогласен со европските регулативи, за да имаат право да се повикуваат на европското знаме“, рече Пренџов.

Според него, овој кризен данок кој Заев сакал да го прикаже како еколошка такса е најскап во Европа.

Така, додаде Пренџов, македонските граѓани ќе плаќаат 5,7 евроценти за литар гориво поскапо, исто колку што плаќаат во Велика Британија.

Тој прашува дали испумпувањето на пари од економијата и граѓаните ќе се користи за покривање буџетски дупки, или луксузирања, или пак, можеби за предизборен поткуп?

„Повикуваме на разум од страна на власта и ова собраниско мнозинство. Веднаш да се повлече законот за воведување на кризен данок или, ако сакате, овој закон кој на мала врата сакаат да го протуркаат како наводна еколошка такса. Доколку власта остане глува на предупредувањето на експертите и на јавноста, и го донесе на сила ова законско решение, ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата Обнова на Македонија ќе го ревидираат уште на првата седница при промената на власта“, рече Пренџов.

извор: makfax

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *