• Sun. May 12th, 2024

Поради стравот кај јавноста, АЕК распиша тендер за изработка на студија за влијанието на 4Г и 5Г мрежите

Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) распиша меѓународен тендер за изработка научна студија за влијанието на зрачењата од 4Г и 5Г мрежите врз здравјето и околината. Во документацијата за тендерот е наведено дека поради стравот кај јавноста, потребно е да се покаже теоретски и практично дека изложеноста на радиофреквентни електромагнетни полиња во различни микрооколини на постојните мобилни мрежи, вклучително и на новата 5Г мрежа, се во согласност со сите светски препораки.

Тендерот е објавен во Бирото за јавни набавки, а заинтересираните компании кои ќе ги исполнат бараните критериуми врзани за стручноста, искуството и експертизата, своите понуди ќе можат да ги доставуваат до 22 декември.

Избраната компанија со која ќе биде склучен договор ќе има обврска во рок од шест месеци да ја изработи бараната студија која ќе биде и основа за понатамошните чекори кои ќе ги презема АЕК врзани за развој на безжичните телекомуникациски мрежи во земјава.

„Веројатно ниту една технолошка револуција не поминала без да предизвика страв кај одредена категорија луѓе. Иако, реално, 5Г за обичниот граѓанин ќе значи само надградба на 4Г мрежата којашто сега е во функција, сепак во АЕК постојано пристигнуваат поплаки кои се мотивирани од страв од новата генерација 5Г мрежи и барања да се отстранат антени за кои граѓаните сметаа дека се од новата генерација“, вели Сашо Димитријоски, директор на АЕК.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *