• Sat. May 18th, 2024

Поради војната во Украина, цените на храната растат на глобално ниво

Поради војната во Украина, цените на храната растат на глобално ниво

Војната во Украина ќе има глобално влијание, „поголемо од се што сме виделе по Втората светска војна“ и ќе ѝ наштети на светската безбедност на храната, бидејќи многу украински земјоделци, наместо да произведуваат значителна количина пченица за светот, сега се борат против Русија – изјави директорот на Светската програма на ОН за храна (WFP) Дејвид Бисли.

Во своето обраќање пред Советот за безбедност на ОН, Бисли изјавил и дека „и онака високите цени на храната во моментов вртоглаво растат“, пренесува британски Гардијан.

Агенцијата на ОН нахрани 125 милиони луѓе ширум светот пред руската инвазија на Украина, а Бисли сега објави дека се принудени да почнат да ја намалуваат помошта поради зголемените трошоци за храна, гориво и испорака, наведува британскиот весник, цитирајќи ја агенцијата АП.

Директорот на Светската програма за храна на ОН предупреди и дека војната во Украина особено ги загрозува некои земји, како Египет, кој доби 85 отсто жита од Украина и Либан, кој доби 81 отсто во текот на 2020 година.

Украина и Русија произведуваат 30 отсто од светската пченица, 20 отсто пченка и 75-80 отсто сончогледово масло, а Светската програма за храна на ОН откупува 50 отсто од житариците од Украина, вели Бисли, пишува британскиот весник.

Тој исто така рече дека војната ќе ги зголеми месечните трошоци на агенцијата на ОН за 71 милион американски долари поради зголемените трошоци за храна, гориво и испорака.

„Тоа ќе изнесува вкупно 850 милиони долари за една година, а тоа значи дека ќе има четири милиони луѓе помалку до кои ќе можеме да дојдеме“, предупреди директорот на Светската програма за храна на ОН, пренесува Гардијан.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *