• Fri. May 17th, 2024

Поетот Никола Маџиров во Скопје ќе ја промовира својата прва книга за деца – сликовницата „Рокчето“

ByЃ. K.

Jan 29, 2024

На 30 јануари, во 19 часот, ќе се одржи промоција на новата сликовница на поетот Никола Маџиров, насловена „Рокчето“. Илустрирана од Анета Илиевска, ова творба ќе биде промовирана во новата книжарница „Литература.мк суперстор“ во „Дајмонд мол“. Промотори ќе бидат Оливера Ќорвезироска и Ермис Лафазановски.

„Рокчето“ е прва книга за деца на Никола Маџиров, кој е еден од најистакнатите и најпреведуваните македонски поети во светот. Во ова дело, Маџиров го задржал својот уникатен поетички стил и создал авторска бајка, во улогата на поет и раскажувач, базирана на истоимената приказна од струмичкиот крај, која била собрана од фолклористот Иван Котев.

Во текстот на Маџиров, формата на „приказна во приказна“ е изразена со лирска нота. Во сегашното време, дедо му раскажува приказната за рокчето на својот внук. Читателите ја слушаат или ја читаат приказната истовремено со детето-главен лик. Ова двојно раскажување има две димензии: едната е во сегашноста како контекст за минатото, а другата е во современоста како рамка за традицијата. Овој аспект се одразува и во илустрациите на Анета Илиевска, каде што модерниот контекст и фолклорната приказна се преплетуваат.

Особеноста на сликовницата е во тоа што на крајот се создава целосно поврзување на различни аспекти: минатото со сегашноста, традицијата со современоста, приказните со поезијата, и народното творештво со авторскиот израз.

Сликовницата е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина“ и достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн.

By Ѓ. K.