• Mon. May 20th, 2024

Пасошите привремено добиваат печат на Северна Македонија, регистрациите налепници со „НМК“

МАКЕДОНИЈА

Пасошите привремено добиваат печат на Северна Македонија, регистрациите налепници со „НМК“

Објавено пред

 

Меѓуресорската работна група, по одржаниот прв состанок ги соопшти обврските кои произлегуваат од преспанскиот договор, кој вечерва стапи на сила.

Како што соопшти Владата, Царинската управа во рок од три дена ќе треба да стави налепници на таблите на граничните премини и на двата аеродроми во земјата. Ќе се менуваат и пасошите и регистерските таблички. Издавањето на новите патни исправи ќе почне на крајот на годината, а во преодниот период МВР при излез или влез во земјата ќе става печат со новото име. Регистерските таблички привремено ќе добијат налепници „НМК“, а во рок од четири месеци наложено е Министерството за внатрешни работи да почне со издавање на новите регистерски таблички.

Понатаму, секторот за односи со јавност при Владата, во рок од 7 дена ќе  треба да изработи книга на графички стандарди со која ќе утврди стандарди за визуелен приказ на уставното име Република Северна Македонија во склоп со државниот грб како лого кое го користат државните институции за јавните табли на влезот од сите институции.

Како следна точка е наведено, генералниот секретаријат во рок од 7 дена да изготви софтвер што ќе ги содржи сите институции од државно и локално ниво, како и димензиите на јавните табли. Промената на сите табли, на централно и локално ниво, да се заврши во рок од 4 месеци.

Од Меѓуресорската работна група порачуваат до сите институции дека ќе треба да извршат промена на сите дигитални записи (логoа, меморандуми, електронски комуникации, веб-страници, медиуми итн.) во рок од 3 дена, а сите институции треба соодветно да ги изменат меморандумите, печатените материјали, папките, индикаторите, во рок од 2 недели.

Министерството за надворешни работи, се наведува во соопштението, треба да ги замени таблите во министерството, како и печатите и штембилите во министерството во рок од 2 недели, а во дипломатско-конзуларните претставништва во рок од 3 недели.

Во делот на Народната банка, со оглед на комплексноста на постапката, ќе треба да се направи анализа и план на неопходните активности за постепена замена на банкнотите, со оценета временска динамика, во рамките на редовните нови емисии, водејќи сметка за макроекономската стабилност; првите нови банкноти со новото име на Народната банка би можеле да бидат изготвени на почетокот на 2020 г. и потоа, сукцесивно, да бидат целосно заменети најдоцна во рок од 5 години од отворањето на релевантното ЕУ поглавје.

Сообраќајните знаци на меѓународните патни правци во земјата, давајќи предност на ендонимите (во англиска транскрипција) врз егзонимите (на македонски јазик во кирилско писмо) да се променат во рок од 2 месеци.

Понатаму одлучено е во рок од 6 месеци да се направи преглед и ревизија на статусот на спомениците, јавните згради и инфраструктура и доколку се однесува на античката хеленска историја и цивилизација како дел од историското наследство на Грција, да се преземат соодветни корективни мерки и активности.

Во рок од 6 месеци одлучено е да се пристапи и кон отстранување на симболот истакнат на поранешното национално знаме од целиот јавен простор и јавна употреба. Археолошките артефакти се изземени, велат од Владата по состанокот

извор:https://makfax.com.mk/makedonija/%D0%BF%D0%B0%D1%81%D0%BE%D1%88%D0%B8%D1%82%D0%B5-%D0%BF%D1%80%D0%B8%D0%B2%D1%80%D0%B5%D0%BC%D0%B5%D0%BD%D0%BE-%D0%B4%D0%BE%D0%B1%D0%B8%D0%B2%D0%B0%D0%B0%D1%82-%D0%BF%D0%B5%D1%87%D0%B0%D1%82-%D0%BD/

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *