• Mon. May 13th, 2024

Отворен филмскиот фестивал „Преку езерото“ во Дојран

ByЃ. K.

Jul 21, 2023

Со српскиот филм „Летото кога научив да летам“ на Радивоје Андриќ од Србија се отвори неофицијалната програма на фестивалот на медитеранскиот и балканскиот филм „Преку езерото“ во Дојран.

Станува збор за семејна приказна видена низ очите на едно девојче. Таа го истражува тој особено интересен момент од животот кога детството завршува и започнуваат новите, возбудливи времиња.

Како дел од првата фестивалска вечер, актерката Елена Трајковска имаше кратко едукативно шоу за децата за филмот како медиум. А најмалите уживаа и детска анимирана фестивалска програма.

Специјалната програма на „Преку езерото“ оваа година во фокус ги има српскиот современ филм и кинематографија. Србија е земјата од каде што почнуваат тенденциите во балканскиот и медитеранскиот филм.

– Српските филмаџии се храброста во светот на филмот. Филмските слики што доаѓаат од Дунав, секогаш се влеваат во Црно Море, а оттаму во Средоземно Море, и стануваат бран што ги поплавува сите медитерански филмаџии и љубители на филмот. Во ова специјална селекција ќе видиме три нови српски филма. Првиот филм е за деца и млади, вториот за возрасни, а третиот за сите Балканци и Медитеранци, кои ќе уживаат во љубовна драма од минатото – информираат организаторите.

Целиот концепт на „Преку езерото“ е на филмскиот режисер и продуцент Јани Бојаџи.

Фестивалот продолжува и следните денови, до 23 јули, со селекција на најдобрите филмски остварувања во светот на подвижните слики на Балканот и Медитеранот од срцето на Европа.

Вечерва во 20.30 часот проекција ќе има филмот „Името на народот“ на српскиот режисер Дарко Бајиќ. Филмот го следи животот на српскиот патриот и интелектуалец Светозар Милетиќ и неговото семејство за време на борбата за ослободување на српскиот народ од австро-унгарското угнетување.

By Ѓ. K.