• Wed. May 15th, 2024

Општина Струмица го одбележа Денот на востанието и Денот на борецот

ByЃ. K.

Oct 11, 2023

Со пригодна свеченост пред Споменикот на револуцијата во градскиот парк, денеска општина Струмица го одбележа 11 Октомври – Денот на народното востание на македонскиот народ и Ден на борецот. За историографијата на празникот, зборуваше Танкица Митрева член на Советот на општина Струмица.

-Постојат денови напишани на најсветлите страници од нашата пребогата македонската историја кои оставиле неизбришлива трага во постоењето на татковината, настани кои станале вистинско олицетворение на македонскиот непокор и на борбата да се биде свој на своето, без прифаќање на туѓи влијанија. За таквите датуми заборав нема и не смее да има, затоа што тие сториле рефлексија врз времето кое сите ние и денес заеднички го живееме.

Еден од таквите датуми е секако и 11 Октомври, кој го славиме како Ден на востанието или Ден на народното востание на македонскиот народ, но и Ден на борецот. Станува збор за денот кога започнува вооружената борба против фашистичкиот окупатор во таа веќе далечна 1941 година. Тоа значи дека денес одбележуваме и славиме 82 години од тој ден, ден кој е длабоко вкоренет во времепловот и меморијата на македонскиот народ. Ќе славиме и во наредните години, децении и векови, се дури постои ова парче македонска земја и се дури по неа чекорат Македонци, возљубени во својата родна грутка, рече меѓу другото Митрева.

Во чест на празникот рецитатори од Домот за деца и млади „Благој Мучето“ рецитираа револуционерна поезија, а во чест на загинатите борци беше положено свежо цвеќе.

By Ѓ. K.