• Mon. May 20th, 2024

Од 26-29 јули во Струмица ќе се одржи 14то издание на „Астерфест“

„Кратки резови“ е името на овогодинешното издание на Меѓународниот филмски фестивал на кратки форми „Астерфест“ што ќе се одржи од 26 до 29 јули во Струмица. Во промотивниот материјал стои дека во натпреварувачката селекција во трите категории, Глобална фикција, Астердокс и Анимоушн, публиката ќе гледа по осум филмови.

-Овој избор е составен од 24 мајсториски измонтирани кратки филмски содржини, кои ги краси нивната естетски заокружена аудио-визуелна форма. Притоа посебно треба да се истакне промисленоста на авторите кои се повеќе изненадуваат со својот свеж и честопати храбат приод кон инспиративните теми на денешницата. Со тоа на фестивалската публика и даваме можност да посведочиме за моќта на кратките подвижни слики, но и да го почувствуваме филмскиот „рез“ без кој тие не можат да треперат и да оживуваат пред нас, се вели во предговорот на организаторот Горан Тренчовски.

Во филмската понуда на Астерфест се сместени филмови наградувани и номинирани од Американската академија за филмска уметност и наука, Националната академија за филмска уметност и наука на Русија, Британската академија за филмската и телевизиска уметност, Холандското режисерско здружение.

Меѓу нив се „Бродоломник“ на Сабрина Маренго, „Водата“ на Светислав Подлешанов и Кирил Каракаш, „Врне“ на Чиро Д Емилио.

Во програмата има и три дополнителни филмови, вклучувајќи ги „Четирипати“ од Микеланџело Фрамартино, како и „Хај-Фај“ и „Љубовта е се“ во чест на Астер лауреатите- македонскиот актер Данчо Чеврески и британската режисерка Ким Лонгиното.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *