• Mon. May 13th, 2024

Одржана првата крос-кантри трка во Гевгелија

ByЃ. K.

Dec 11, 2023

Гевгелија беше домаќин на првото издание на Атлетската крос-кантри трка Punk’s Backyard Ultra, којашто се одржа на локацијата Негорски Бањи. Трката, на којашто учествуваа над 60 тркача од: Македонија, Полска, Косово, Грција, Србија и Словачка, беше во организација на Асоцијација за промоција и управување со проекти и настани во планиско трчање и други планински спортови „ТРЕКС“ од Скопје, а во соработка со Општина Гевгелија, Атлетскиот клуб „7 Ноември“- Гевгелија, АМД „Дичо Панов“- Гевгелија и други помагатели.

На патеката со трчање на круг во должина од 6.706 км. во одреден временски период се додека не остане само еден тркач, остана да се натпреварува сам со себе Жикица Ивановски од Штип, кој истрча 18 кругa или 120 километри. Втора во генерален пласман, а прва во женска конкуренција беше Радмила Јованова од Штип со истрчани 17 кругa или 114 километри, додека трет во генерален пласман беше Влатко Семенаков, со истрчани 16 кругa и, наверојатно, е првиот гевгеличанец кој истрчал на ваква трка со 107 километри.

Најуспешните тркачи на Backyard Ultra се стремат кон време за одмор од 14 до 18 минути, обидувајќи се да истрчаат 6,7 km за 42 до 46 минути. Инаку, светскиот рекорд е 102 круга, односно 684 километри.

Всушност, целта на организацијата на оваа трка е да се промовира градот Гевгелија и околината, освен на локално и на меѓународно ниво како место за организирање спортски активности на отворено- планински трки и привлекување туристи од целиот регион. Меѓународната трка е наменета за рекреативци, аматерци и професионални спортисти со различно ниво на физичка подготвеност, како поттик учесниците да вложат во својот психо-физички развој и да ги надминат личните граници.

By Ѓ. K.