• Sun. May 12th, 2024

Мицковски од трибина во Струмица: На Европа и’ требаат чесни и принципиелни луѓе, а не корумпирани политичари

Лидерот на Вмро Дпмне вечерва од Струмица рече дека земјата не може да чекори кон европскиот пат со нечесни и непринципиелни луѓе и аболирани политичари. Во речиси едночасовен говор пред сопартијците и поддржувачите од Струмица, Мицковски ја критикуваше работата на актулената влада и премиерот Зоран Заев. Тој рече дека Сдсм е иста од времето на транзицијата, но сега малку пософистицирана, со луксузни автомобили и патики од Дубаи, алудирајќи на семејството Заеви и на изјавата на министерот за земјоделство Николовски, кој во едно неодамнешно интервју рече дека патиките си ги купил во Дубаи.


Мицковски им се заблагодари на пратениците од Струмица, Васил Пишев и Ванковер Манчев затоа што не гласале за уставните амандмани на 19 октомври. Тој се наврати и на обвинувањата дека не бил за Европската Унија и Нато. Лидерот на опозицијата ги демантираше ваквите наводи тврдејќи дека тој е за членство, но не по секоја цена и порача дека постојат принципи кои не можат и не смеат да се погазат како замена за некоја придобивка, колку и таа да ни се чини значајна и клучна за нашата иднина.

Лидерот на Вмро Дпмне ги повика граѓаните да волонтираат во партијата, без да мислат на придобивки и привилегии и да направат добро за себе и за својата земја. Тој самиот рече дека година и половина волонтира и дека не е страшно и тешко. Меѓу другото, претседателот на опозицијата рече дека е време да се подобри сликата за политичарите меѓу граѓаните, затоа што немаат доверба и сметаат дека секој политичар е или крадец или лажго. Ги повика своите сопартијци масовно да учествуваат во кампањата и да се заложат да претстават една нова подобра слика на политиката, но и да покажат дека може да биде подобро.

Во обраќањето Мицковски го спомна и Специјалното јавно обвинителство, за кое како што рече дале согласност како партија и го поддржувале се’ додека не увиделе дека не работи во име на правдата. Затоа потенцира дека ќе инсистираат на исполнување на неколку услови кои ќе бидат клучни за договорот за законот за јавно обвинителство.

Вечерва во Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица општинскиот комитет одржа трибина на која покрај лидерот Мицковски се обрати и претседателот на општинскиот комитет Струмица, Александар Донев.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *