• Fri. May 17th, 2024

За првпат на Кардиохирургија изведена операција за стент на лакот на аортата

ByЃ. K.

Sep 15, 2023

Универзитетската клиника за државна кардиохирургија првпат стави стент на лак на аорта кај пациент со аневризма на лакот на аорта, што е нова метода што се изведува кај нас. Оваа специфична метода лекарите од Државната кардиохирургија велат дека во регионот се изведува само во Грција и Словенија за пациенти кои се високоризични. Се изведува со полесна анестезија и пациентите покусо време остануваат во болница.

„Се работи за специфична метода, за првпат во Македонија, а и пошироко, ставаме стент на лак на аорта кај болест која се вика аневризма на лак на аорта. Станува збор за многу сериозна болест со многу висока смртност, доколку не се лекува. Кај нас на Клиниката досега се работи рутински хируршки отворено лакот на аортата како метода и хибридно се работи, но за првпат ние ставивме стент на лак на аортата. Оваа метода се практикува кај пациенти кои имаат висок ризик од операција односно ние проценуваме дека не можат да издржат хируршки третман“, рече доктор Никола Лазовски, специјалист по општа и супспецијалист по васкуларна хирургија на Клиниката за државна кардиохирургија.

„Прво се направи бајпас – премостување на крвните садови за мозокот и за рацете, а една недела подоцна се реализираше оваа процедура со два мали, по три сантиметри, резови на двете раце и еден рез од 5-6 сантиметри во препонот. Така се пласираше стентот. Пациентот четири дена по интервенцијата си отиде дома. Сега е на домашно лекување. Беше веќе на две контроли и сите параметри, компјутерската томографија, лабораториските параметри и клиничкиот наод укажуваат на позитивен исход. Кај него сѐ е во најдобар ред во моментов“, вели Лазевски.

Оваа метода било овозможено да се прави кај  нас со отворање на хибридната сала, која беше промовирана во мај годинава. Од Клиниката велат дека планираат да воведат уште цела низа нови методи во хибридната сала кои ќе помогнат во лекување на болестите на артериите и вените преку стентирање.

Директорот на Државната кардиохирургија Марјан Шокаровски кој беше назначен откога министерот Фатмир Меџити го разреши од должноста кардиохирургот Сашко Јовев, најави нов оддел на Клиниката.

„Во план е проширување на капацитетите и проширување на дејноста на нашата клиника со еден нов оддел, специфичен за срцева слабост со што би ги подобриле условите за лечење на тие пациенти. Би ги централизирале, би ги поставиле да бидат видливи тие пациенти затоа што третманот за нив треба да почне во раната фаза. Да бидат следени и да добијат соодветен третман. Во соработка со Клиниката за кардиологија би отвориле таков оддел кој би имал и посебна амбуланта и таму би биле опфатени сите делови од лекувањето. Од фармаколошка терапија, дијагностика до најсложените хируршки зафати вклучувајќи и трансплантација на срце“, рече директорот Шокаровски.

На Клиниката продолжуваат и со сите други програми како хибридните процедури за изведување и решавање на патолошките состојби на лакот на аортата, минимално инвазивните процедури за замена или поправка на срцевите валвули, минимално инвазивни процедури за аортокоронарно премостување и така натаму. 

By Ѓ. K.