• Mon. May 20th, 2024

Заев: Оваа посета на Папата е огромно признание за нашата земја

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев одржа прес­-конференција за домашните и странските медиуми по повод апостолската посета на Папата Франциско на нашата земја.

Изјавата на премиерот Заев во ова соопштение ви ја пренесуваме во целост:

Нашата убава земја Република Северна Македонија денеска е уште еднаш во фокусот на светското внимание.

Посетата на Неговата Светост, првиот човек на Католичката Црква и на Ватиканската држава Папата Франциско, како прва, историска посета на еден Папа на нашата земја, е огромно признание за местото што Република Северна Македонија го зазеде во глобалната заедница на прогресивните земји.

Посетата на Папата Франциско не е резултат на митологии. Неговата посета е израз на созреано време да се оддаде признание за историските врски од раните векови на христијанството кога Папата Адријан Втори ги благословил и осветил богослужбените книги на светите браќа Кирил и Методиј со кои подоцна е извршена христијанизацијата на словенските народи во Европа.  

Република Северна Македонија низ сите векови на создавање на нејзината државност ги пренесе библиските пораки на надеж, утеха и толеранција и во својата современост.

Ватикан, Европа, и целиот свет, ги препознаа вредностите, убавината на различните култури, етнички заедници и религии што живеат во општество еднакво за сите.

Светата литургијата со која Папата Франциско ги благослови католичките верници и сите граѓани со добра волја, е израз на почит за заедништвото меѓу народите на нашата земја кое го негуваме.

Тоа е силен поттик и поддршка за сите нас. Тоа е порака што до светот денеска беше пренесена од стотиците новинарски и телевизиски екипи што на овој историски ден беа во Северна Македонија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *