• Fri. May 17th, 2024

Денеска се празнува Преподобна Параскева (Петка)

ByЃ. K.

Oct 27, 2023

Оваа славна светителка се роди во градот Епиват, меѓу Силинаврија и Цариград. Родителите беа богати и благочестиви христијани, а освен Петка имаа и еден син, Ефтимиј, кој за време на животот се замонаши и подоцна стана угледен епископ Малитски. По смртта на родителите девицата Петка желна за подвижнички живот го напушти родителскиот дом и отиде најнапред во Цариград, а потоа во Јорданската пустина, каде што се подвизуваше до својата старост. Кој би можел да ги прикаже сите трудови и страдања и демонски искушенија што ги претрпе Света Петка во долгата низа години. На старост еднаш се јави ангел Божји и рече: „Остави ја пустината и врати се во твојата татковина, таму треба да го предадеш телото на земјата, а со душата ќе се преселиш кај Господ.“ Света Петка го послуша небесниот глас, ја остави својата омилена пустина и се врати во Епиват. Тука таа поживеа уште две години, пак во непрестајна молитва и пост и потоа го предаде својот дух на Бога. Се упокои во 9 век. Нејзините чудотворни мошти низ вековите беа пренесувани: во Цариград, во Трново, па пак во Цариград, па во Белград. Сега се наоѓаат во Романија, во градот Јаши. Во Белгард постои вода (агијазма) на Света Петка, којашто чудотворно ги лечи сите болни што притекнуваат со вера во Бога и со љубов кон светителката.

Тропар

Пустинскиот и самотен живот си го засакала, и по стапките на Христа, твојот Младоженец, ревносно си тргнала; и благиот Негов јарем во младоста си го зела, со Крстот си се вооружила против враговите на душата; со пост, молитви и капки од солзи, си го угасила огинот на страстите, многуславна Параскево. И сега, во небесните дворови, стоејќи пред Христа со мудрите девојки, моли за нас кои го почитуваме твојот свет спомен.

By Ѓ. K.