• Sun. May 19th, 2024

Двајца мигранти загинаа во сообраќајка кај Бучим

Двајца мигранти загинаа а 17 се повредени во тешка сообраќајна несреќа што попладнево се случи на магистралниот пат Радовиш – Штип кај рудникот Бучим. Мигрантите се превезувале со товарно моторно возило, комби марка Ивеко со скопски регистарски таблички, управувано од непознат возач кој по несреќата избегал во непознат правец. Несреќата се случила околу 16.40 минути, откако возилото од засега непознати причини удрило во ограда од мост. Полицијата го заврши увидот а од првичните неофицијални информации станува збор за државјани на Бангладеш и најверојатно меѓу нив има и државјани на Шри Ланка, но идентитетот на повредените и жртвите допрва ќе се утврдува.

Лекарската екипа којашто прва стигнала на местото на несреќата информирала дека затекнала околу 26 мигранти, но дел од нив избегале. 11 потешко повредени се префрлени во штипската клиничка болница, додека шестмина се однесени во здравниот дом во Радовиш.
Инаку, патничкиот сообраќај се одвива непречено, а во прекин е само сообраќајот за товарни возила. Полициски екипи се’ уште се на местото на несреќата и го контролираат движењето на возилата.
Полицијата допрва ќе утврдува дали станува збор за уште еден случај на шверц на мигранти по познатата балканска рута, со оглед дека нелегално се влезени во земјата и голем дел од патниците немале лични документи.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *