• Thu. May 16th, 2024

Гевгелија е мал град, но значаен центар – порача Мустафа Шентоп, претседател на Големото турско собрание при посетата на Гевгелија

Во посета на Гевгелија вчера престојуваше Мустава Шентоп, претседател на Големото Собранието на Република Турција, кој притоа имаше средба со градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков.

На средбата во општина Гевгелија, првиот парламентарец во Република Турција, го следеше бројна делегација, во која беа и претседателот на Турците во странство и сродните заедници, Абдула Ерен, вишиот соработник во Големото народно собрание на Турција, д-р Неџип Фазил Курт, пратеници од турскиот парламент, амбасадорката на Република Турција во нашата земја, Тулин Еркал Кара, како и претставници на повеќе турски институции, а од страна на домаќините, покрај градоначалникот Поцков, беше претседателот на Советот на општина Гевгелија Ташко Дојчинов.


-Ми причинува посебно задоволство што денес меѓу нас се наоѓа првиот човек на Големото Собрание на Република Турција, г.Мустафа Шентоп, чии корени потекнуваат од овој крај, од Мрзенци, истакна во поздравното обраќање градоначалникот Сашо Поцков, посакувајќи им на гостите добредојде. Притоа, тој накусо ги запозна со профилот на општината и развојните компоненти нагласувајќи ја определбата за нејзин одржлив економско-еколошки развој.
-Во моментот во општина Гевгелија стопанисуваат три големи турски компании, во близина на Гевгелија во тек е изградбата на најголемиот систем за новоднување – Конска брана, што ја гради турскиот конзорциум „Адали Холдинг“. Наскоро очекуваме да започне и изградбата на Паркот на ветерници, од кој три ветерници се наоѓаат на територијата на општина Гевгелија, а ќе ги гради турската компанија „Калтун енерџи“.


Во Гевгелија се наоѓа и најрепрезентативниот хотелско-угостителски комплекс „Принцес казино“ на познатата компанија Принцес груп. Со претстојното комунално-инфраструктурно уредување на ТИРЗ„Прдејци“ се создаваат можности за вложување и на други турски компании, доколку ги има, ги покани градоначалникот Поцков турските бизнисмени, нагласувајќи дека вратата на општина Гевгелија е отворена и за другите турски инвеститори. Тој му се заблагодари на високиот гостин за донираното комунално возило за дистрибуција на комунален отпад, кој ќе придонесе за проширување, но и дооформување на возниот парк на ЈПКД„Комуналец“
-.Гевгелија е мал град, но значаен сообраќаен, економски и земјоделски центар. Посебно е интересен проектот за ТИРЗ„Прдејци“, кој се надевам ќе привлече и турски инвеститори. Колку што се сеќавам своевремено Гевгелија беше центар на свилената буба и на тутунот, овде се произведувал најквалитетниот тутун, ми раскажуваше претседателот на Комората на тутунопроизводителите во Измир, кој е заинтересиран за инвестирање во овој крај, рече во своето обраќање престедателот на Големото Собрание на Република Турција, Мустафа Шентоп, нагласувајќи:
-Турција и Република Северна Македонија се братски и пријателски земји. Турција прва ја призна Македонија со уставното име, ја отвори и првата амбасада, а целосно ја подржуваме и на патот кон северноатланските интеграции. Имаме заедничка историја, која претставува цврст темел за нашето пријателство. Турција и натаму политички и економски ќе ја подржува Република Северна Македонија, рече во своето обраќање Мустафа Шентоп, објаснувајќи на самиот почеток дека фамилијата од таткова страна потекнува од Мрзенци, а од мајка му од Богданци, кои се иселиле во 1926 година заминувајќи со воз до Солун, а потоа, по се изгледа со брод, до Турција. Многу сум среќен поради моето потекло, често навраќам кога можам, а тоа ќе го правам и во иднина, порача Шентоп.
Тој на својот домаќин Сашо Поцков му го подари грбот на Република Турција, додека пак домаќинот на високиот гостин му подари сребрена монета на Александар Македонски, пронајдена на археолошкиот локалитет Вардарски рид кај Гевгелија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *