• Sat. May 18th, 2024

Во градинките ќе се згрижуваат деца на родители кои навистина имаат потреба од тоа

Гевгелиската градинка упатува апел да не се шират лаги за работата на градинките во регионот. Тие потенцираат дека предност ќе имаат децата на самохрани родители и на оние родители коишто немаат услови за работа од дома.

„Деновиве, во јавноста се шират гласини дека Централната градинка „Детска радост“ нема да врши згрижување и сместување на децата кои престојуваа во клоновите во Гевгелија и населените места. Надлежните од ЈОУДГ „Детска радост“ излегоа со апел до граѓаните да не шират дезинформации бидејќи новонаметнатите правила што ги предизвика пандемијата за работа на градинките со намален капацитет и ги засега родителите чии деца се згрижени во нив, се на ниво на цела територија на Република Северна Македонија, а не само во општина Гевгелија.

            За заштита од Корона вирусот и спречување на неговото ширење, Комисијата за заразни болести изработи Протокол за работа на градинките, а го задолжи Министерството за труд и социјална политика да утврди дали детските градинки во РСМ ги исполнуваат критериумите за нивно отворање и отпочнување со работа. Според протоколот, се ограничува бројот на деца во една група: за децата до две годишна возраст максималниот број во една група е 6 деца, а за децата од 3 до 10 годишна возраст максимум е дозволено да има по 15 деца. Тоа значи дека градинките треба да работат со 50% од вкупниот капацитет на децата кои се згрижени во нив.

            За таа цел, надлежните во ЈОУДГ „Детска радост“- Гевгелија одлучија приоритет за згрижување и престој во градинките да им дадат на децата на самохрани родители кои се во работен однос и на децата чии двајца родители се во работен однос и работните задачи мора да ги извршуваат од работното место, без можност да ги извршуваат од дома.

            Поради краткиот временски период, вработените ги контактираа родителите и од нив побараа да достават потврди од работното место, како доказ дека се во работен однос. Поднесените пријави се на разгледување за нивната веродостојност. Доколку се увидат нерегуларности во потврдите, ќе им се даде можност на други родители за згрижување на нивните деца кои навистина имаат потреба од престој во градинка.

            Поради актуелната ситуација, градинките немаат можност да вршат упис на нови деца, а пријавените се на листа на чекање. Се апелира до родителите кои се засегнати да имаат разбирање и трпение бидејќи се разгледуваат начини за работа на детските градинки во полн капацитет.

           Што се однесува на стартувањето со работа, градинките во Гевгелија можат да згрижуваат деца, според капацитетот што го налага Комисијата за заразни болести и комплетно ги исполнува хигиенските услови како заштитна мерка против Корона вирусот“, се вели во соопштението на градинката „Детска радост“.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *