• Thu. May 16th, 2024

Во време кога новинарството се сведе на инфо-забава, научните новинари треба не само да ја освојат публиката, туку и да ја едуцираат

Живее во Белград, Србија, 14 години се занимава со научно новинарство и од недоамна ја предводи Светската федерација на новинари кои известуваат за различни теми од науката. Милица е решена да го крева стандардот на професијата и да покаже дека новинарството има клучна улога во градењето на општеството и во дефинирањето на современите текови. Затоа и нејзината работа е насочена кон тоа да ги пласира темите за кои јавноста треба да биде запознаена и да се потруди да станат актуелни и важни во заедницата, за да се постигнат промени и прогрес.

  1. Што подразбира научното новинарство?

Денеска научното новинарство е посебна гранка на новинарството што се занимава со научните достигнувања и нивниот напредок. Станува збор за област што ги проучува методите и резултатите со коишто се случат научниците, но и начините на кои ги толкуваат медиумите и публиката. Научното новинарство е специфично затоа што бара од новинарот познавање на различни научни области, различни системи, политика и закони. Новинарот којшто ќе се определи да ги следи научните теми треба постојано да се усовршува, додека познавањето на историјата на науката е неопходно.

  1. Која е целта на научното новинарство?

Во научното новинарство важно е да се држите до вистината. Темите за коишто се говори треба да се добро истражени, а фактите коишто се изнесуваат да се точни. Тоа се разбира, е со цел точно и критично известување на пошироката јавност за науката и технологијата.

  1. Кои видови на научно новинарство постојат во моментов и кои се најатрактивни?

Пред сѐ, секоја научна дисциплина од медицината, здравството, климатските промени, заштитата на животната средина, но и физиката, математиката, биологијата и технологијата се дисциплини вредни за известување. Така што научните новинари најмногу објавуваат текстови, извештаи за телевизија, радио или веб-портали токму од овие области.

Во зависност од тоа за кои медиуми се известува, се разликуваат и формите на научното новинарство се разликуваат. Со оглед на тоа дека денес поголемиот дел од новинарството се претвори во таканаречена инфозабава, тоа предизвика и посебна дебата во професионалните кругови за квалитетот на научното новинарство. Се додје до заклучок дека, сепак, најдобри се оние медиумски производи кои истовремено ги освојуваат и образуваат читателите.

  1. Се зголемува ли или пак опаѓа интересот за научното новинарство, ако се има предвид целокупната состојба во медиумите?

Со развојот на медиумите, на прво место со интернетот, научната расправа се прошири и се отвори простор за различни начини на презентирање. Од друга страна, во светот којшто сѐ повеќе е дигитален, научниот новинар сега мора освен основните вештини на пишување да ги совлада и оние техничките кои овозможуваат производство на мултимедијална содржина.

Денес, една од главните задачи на современото научно новинарство е да ги премине границите на обично објаснување на науката, приказната да добие додатна вредност, а публиката дополнителна информација.

  1. Ја имате честа да бидете претседателка на Свестката федерација на научни новинари. Како ја добивте довербата на колегите?

Неодамна ме избраа за претседателка на Светската федерација на научни новинари (WFSJ). Таа доверба ми ја укажаа колегите -делегати со своите гласови. Федерацијата во членството има 62 асоцијации, односно преку 10 илјади професионалци од сите континенти. Ми се укажа голема чест да ја предводам единствената организација на научни новинари во светот. Темелот на оваа организација е стремежот за зајакнување и продлабочување на врската помеѓу науката, научниците и јавноста, со критичко – аналитички пристап на научното новинарство како клучен предуслов за сеопфатно известување за теми и содржини кои опфаќаат различни аспекти на научно – истражувачките процеси и нивните далекусежни влијанија врз поединците, заедницата и целото општество.

  1. Како научните новинари да постигнат поголема видливост и да предизвикаат внимание во време на манипулации и лажни вести?

Задачата на научното новинарство е во одредена смисла и да го насочува вниманието на јавноста на некоја тема за која му се чини дека е потребно да се дознае повеќе. Научните теми се развиваат секојдневно, ги има повеќе одошто можеме да објавиме. Треба да го свртиме вниманието на јавноста на приказна која е важна, наспроти тривијалностите. Дополнително, сите сакаме тајни, а науката е полна со тајни. Ако добро ја работиме својата работа, секогаш ќе наидеме на некој што ќе го заинтересираме низ нашата приказна да дознае или открие нешто ново. Насловите како „научниците ја решија загатката…“ веднаш не примамуваат и веднаш сакаме да дознаеме нешто што не сме го знаеле.

  1. Има ли иницијативи да се прошири оваа мрежа, дали сте контактирале со колегите од Македонија, од Здружението на новинари на Македонија?

Федерацијата постојано прима нови членови. Аоцијациите или здруженијата кои имаат и научни новинари или се здруженија специјализирани за научно новинарство се добредојдени да бидат дел од нашата организација. Засега, во членството на федерацијата е Балканската мрежа на научни новинари, тоа е регионална асоцијација на професионалци од земјите на Источна Европа, каде челнуваат и колеги новинари од Македонија.

  1. Која е вашата визија како претседателка на оваа федерација?

Светската федерација на научни новинари (WFSJ) има шареноликост на членството што ја прави единствена организација во светот. Во нашето членство се здруженија од целиот свет, од сите континенти. Од земјите во кои се говори најразлични јазици, од Јапонија, индија, Бангладеш, преку Аргентина, Мексико, до Европа и Балканот. Дополнително, промовираме високи стандарди и ги застапуваме професионалците коишто работат во различни медиуми, печат, интернет, радија, телевизија. Собрани сме околу заедничка професија, но не краси тоа што сме многу различни. Имајќи предвид дека сме единствена интернационална заедница, визијата ни е секако професионално и бројно да се развиваме, и еден ден федерацијата да биде присутна во секој агол од нашата планета.

разговараше Сузана Мицева

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *