• Sun. May 12th, 2024

ВМРО-ДПМНЕ бара да се спроведе специјален режим за работа на продавниците и пазарите

Здравјето на граѓаните е прв и најголем приоритет. ВМРО-ДПМНЕ е подготвена со тим од најврвни стручни лица и доктори да им помогне на граѓаните и на државата. Станува збор за најдобри човечки потенцијали од областа на медицината, но и психолози, социолози и луѓе што знаат менаџмент, соопшти партијата.

ВМРО-ДПМНЕ е на став дека во вакви времиња, кога е загрозено здравјето на секој граѓанин, секој треба и мора да се однесува одговорно, особено политичките субјекти иако државата е во предизборие. Затоа, ВМРО-ДПМНЕ смета дека не треба да има политизација на состојбата во која се наоѓаат државата и целиот свет.

„Здравството е сектор во кој мораме да се однесуваме натполитички, особено во ваков амбиент. ВМРО-ДПМНЕ ја подаде раката и смета дека сите политички субјекти треба да се вклучат во борбата против вирусот за кој Светската здравствена организација прогласи пандемија. Членовите на Комисијата за здравство на ВМРО ДПМНЕ се во постојано заседавање и сметаат дека е неопходно прогласување на кризна состојба на целата територија на Република Македонија. Исто така, Комисијата предлага и други чекори: затворање на сите граници за патници, освен за итните случаи и оние чиј карактер на движење тоа го налага. Мора да се затворат границите со цел ставање на состојбите под контрола.

ВМРО-ДПМНЕ бара да се спроведе специјален режим за работа на продавниците и пазарите. Односно, шалтерски систем на продажба или да се овозможи наизменично влегување само на неколкумина потрошувачи во продавниците и тоа да биде преку соодветна процедура. Трето, да се подготви т.н. бел план за болниците во земјата, што значи зголемување на капацитетите и целосно скенирање и разработено сценарио при влошување на состојбата. И доколку треба, да се побара и меѓународна помош, која ќе биде експертска и советодавна.

Комисијата бара и да се вреднува трудот на огромен број професионалци и колеги доктори и здравствен персонал, кои даваат натчовечки напори во третман и превенција на коронавирусот, со што го изложуваат своето и здравјето на најблиските на ризик. Ова важи и за полицајците, цариниците и за сите служби што се во првата линија на судир со епидемијата. И затоа бараат Владата да донесе одлука за парична награда на докторите и медицинскиот персонал, полицајците, царниците и сите служби што директно се вклучени во справувањето со последиците од вирусот. ВМРО-ДПМНЕ очекува сериозност од Владата и Министерството за здравство и прифаќање на понудените мерки. Секој живот е од непроценлива вредност. Сите сме граѓани на Република Македонија и сите сме засегнати од актуелната ситуација. Партиите не треба да се борат за политички поени и треба да си помогнеме едни на други. Сега не е време за политичка борба, туку време на хуманост, дејствување и подадена рака“, се вели во соопштението.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *