• Sat. Jun 8th, 2024

Балканот на удар на омикрон, во Македонија засега го нема

By

Dec 5, 2021

Новата мутација на вирусот омикрон сè уште ја нема во Македонија, но е насекаде околу нас. Првите случаи на заразени со омикрон на Балканот веќе се детектирани во Грција, Хрватска, Црна Гора, Романија… и прашање е на време кога ќе биде изолиран вирусот и во земјава. Во моментов во Институтот за јавно здравје се испитува дали оваа мутација ја има во земјава.

Според последните информации од Светската здравствена организација омикрон е откриен во најмалку 38 земји во светот, но сè уште не е забележан смртен случај. СЗО предупреди дека може да поминат неколку недели за да се утврди колку е заразна оваа варијанта, дали предизвикува посериозна болест и колку се ефикасни вакцините.

Додека повеќе земји во светот забрзано преземаат дополнителни мерки за заштита од овој сој, се затвораат границите за патниците што доаѓаат од земјите каде што мутацијата веќе циркулира, Македонија засега нема да воведе мерки за заштита од новиот сој на коронавирусот. Комисијата за заразни болести и министерот за здравство Венко Филипче сметаат дека актуелните мерки за заштита од ковид-19 се добри, даваат резултати, а епидемиолошката состојба во земјава е стабилна и нема притисок врз болниците.

Филипче рече дека нема потреба од затворање на границите, воведување на карантини за патниците кои доаѓаат од одредени земји. Според него вирусот не може да се ограничи, прашање е на време кога ќе пристигне, но затоа треба да се стави акцент на имунизацијата.

Според последните истражувања, новата варијанта на коронавирусот омикрон најверојатно собрала најмалку една од нејзините многубројни мутации со тоа што презела парче од генетскиот материјал на друг вирус, оној што предизвикува обична настинка. Анализата исто така покажува дека ова не е забележано во ниту една од претходните варијанти на коронавирусот, но е присутно кај многу други вируси, вклучително и оние кои предизвикуваат настинки, како и во човечкиот геном.

извор:https://www.vecer.press/%D0%B1%D0%B0%D0%BB%D0%BA%D0%B0%D0%BD%D0%BE%D1%82-%D0%BD%D0%B0-%D1%83%D0%B4%D0%B0%D1%80-%D0%BD%D0%B0-%D0%BE%D0%BC%D0%B8%D0%BA%D1%80%D0%BE%D0%BD-%D0%B2%D0%BE-%D0%BC%D0%B0%D0%BA%D0%B5%D0%B4%D0%BE%D0%BD/

By

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *