• Tue. May 14th, 2024

Анкара ја доби најголемата болница во Европа

Во Анкара, главниот град на Турција, денес беше отворена, според капацитетот, најголемата градска болница во Европа, која воедно е и трета болница во светот чии севкупни единици се изградени во рамките на еден проект, јавува Anadolu Agency (AA).

Објектот свечено го отвори турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, со што Турција ја доби и својата најголема болница.

Ердоган во своето обраќање на отворањето, по повод 14 март – Денот на медицинарите, порача: „Здравствените работници на кои им ги предаваме нашите животи треба да ги цениме секој ден, а не еднаш во годината. Секоја професија е важна и заслужува почит, но здравството најверојатно се наоѓа на врвот од оваа листа. И покрај тоа, непростливо е она што можеме да го чуеме за повремени напади врз здравствените работници и нема олеснителна околност.“

Потсетувајќи на зборовите на султан Сулејман „Нема ништо повредно во очите на луѓето од државата, но на овој свет државата не е помоќна од здивот на здравјето“, Ердоган истакна:

„Ние сме потомци на цивилизација која на здравјето гледа како на најголемата среќа на светот. Од тој аспект, едно од првите нешта што ги направивме по доаѓањето на власт беше формирање на нов здравствен систем. Рековме дека ќе напредуваме врз база на четири основни столба: образование, здравство, правда и безбедност. Со обидуваме државата да ја издигнеме врз оваа база.

 „За здравствени услуги доаѓаат од странство“ –

Претседателот Ердоган, нагласи дека Турција, која порано имала само 618 амбулантни возила, денес поседува 5.000 возила на брзата помош, медицински хеликоптери, чамци, бродови со најмодерна медицинска опрема.

„Турција денес е земја, која настрана од услугите што ги дава во болниците, има капацитет на 1.250.000 граѓани да им понуди здравствени услуги во нивните домови. Нема нешто вакво слично во светот. Во минатото нашите државјани заминуваа во странство на лекување, но денес имаме речиси 1 милион лица од странство кои побарале здравствени услуги во Турција“, истакна Ердоган.

Инаку, новоотворената болница во Анкара е трета во светот чии единици се изградени во рамките на еден проект, а врз база на тоа претставува најголемата градска болница во Европа.

По турските градови Јозгат, Мерсин, Испарта, Адана, Кајсери, Елазиг, Ескишехир и Маниса, главниот град Анкара е деветтиот турски град кој добива нова градска болница. Во состав на болницата се наоѓа и медицински кампус, а има капацитет дневно да прима 30.000 пациенти.

Иако церемонијата на свечено отворање се одржа денеска, Градската болница во Анкара со прием на пациенти почна на 7 февруари оваа година. Најпрвин со работа започнаа одделите за кардиоваскуларна хирургија, општата болница, неврологија, ортопедија и онкологија.

До денеска, во болницата се извршени 2.815 операции, на неделно ниво се изведуваат 7.000 операции, додека на дневно ниво се извршуваат околу 600 итни операции. Капацитетот на болницата е 3.800 кревети.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *