• Wed. May 15th, 2024

Ангажман за решавање на проблемите со коишто се соочуваат граѓаните во ПЕ – Управа за имотно-правни работи и агенција за катастар во Гевгелија

ByЃ. K.

Jul 31, 2023

Градоначалникот на oпштина Гевгелија, Андон Сарамандов, оствари средба со министерот за правда, Кренар Лога и претставничката на Советот на Европа, за време на промоцијата на бесплатната правна помош во Гевгелија. Имено, Општина Гевгелија е една од општините, коишто се опфатени во Проектот: „Консолидиран и поефикасен систем за бесплатна правна помош“, во реализација на Советот на Европа и со поддршка од Министерството за правда. На средбата, помеѓу градоначалникот Сарамандов и министерот Лога стана збор за важната улога на локалната власт во постигнување на заеднички цели, како што е соработката во спроведувањето на бесплатната правна помош и потребите на општината за поддршка од Министерството за правда, со единствена цел – успешно служење на граѓаните, исполнување на нивните потреби и нашите обврски.

Притоа, градоначалник на Општина Гевгелија ги истакна проблемите, со коишто се соочуваат гевгеличани во Подрачната единица на Управата за имотно-правни работи, поради нерешените 5000 предмети, како и во подрачната единица на Агенцијата за катастар и недвижности во Гевгелија поради недостигот од геодет.

– Нефункционирањето на овие институции во Гевгелија преставува огромен проблем за граѓаните, имаме голем број нерешени предмети заради недоволно човечки ресурси и катастрофално менаџирање со нив. Како градоначалник на општина Гевгелија, неколку пати ги имам посочено овие проблеми, кои не се во надлежност на Општина Гевгелија, нагласи Сарамандов.

На средбата, беше разговарано како во најбрз временски период би биле решени овие проблеми, а со тоа граѓаните да добијат навремена услуга. Инаку, бесплатната правна помош е дел од серијата активности за подигање на свеста, поддржани од Европската Унија и Советот на Европа во соработка со Министерството за правда, што ќе се одржат во различни региони во државата, со цел да се промовира користењето на бесплатната правна помош, со посебно внимание на ранливите категории.

By Ѓ. K.